Информации за бизнис центарот



Врз основа на Законот за рамномерен регионален развој („Службен весник на Република Македонија“ бр.63/2007, 187/2013 и 43/2014), како и врз основа на Програмата на Владата на Република Македонија за рамномерен регионален развој во 2014 година („Службен весник на Република Македонија“ бр.8/2014 и 22/2014), со цел зголемување на конкурентноста на планските региони преку поддршка на малите и средни претпријатија и претприемништвото, формирани се Бизнис центри за поддршка и консултативни услуги за мали и средни претпријатија во рамките на постојните центри за развој на планските региони. Формирањето на Регионалните бизнис центри во осумте плански региони е засновано на одлука на Владата на Република Македонија на осмата (тематска) седница, одржана на 29 август 2011 година.

Во рамки на проектот на Министерството за локална самоуправа - „Иновативни решенија за подобрен пристап до услуги на локално ниво”, проект спроведуван од страна на Програмата за развој на Обединети нации (УНДП) беше изготвена „Студија за можностите за испорака на услуги кон приватниот сектор од страна на Центрите за развој на планските региони“. Оваа студија ги дава насоките за идните функции и услуги на Бизнис центрите, кои би се вршеле/испорачувале од страна на вработени лица со знаење, вештини и искуство за поддршка на приватниот сектор, во рамки на постојните Центри за развој на планските региони. Оваа студија е фокусирана на дефинирање на новите функции и услуги на веќе определен облик – т.н. регионални бизнис центри, и тоа на начин кој ќе гарантира висок степен на комплементарност со постојните услуги за приватниот сектор, ќе ги минимизира сите ризици од преклопување и ќе допринесе за проширување на спектарот на услуги за приватниот сектор и неговиот развој на ниво на плански регион.

Регионалните Бизнис центри во рамки на Центрите за развој на планските региони имаат за цел квалитетно опслужување на бизнис секторот во планските региони. Според „Студијата за можностите за испорака на услуги кон приватниот сектор од страна на Центрите за развој на планските региони“ Регионалните бизнис центри во фокусот на своето работење ги имаат следните функции:

  • 1. Координативна и комуникациска
  • 2. Информативна и едукативна
  • 3. Планирање и мониторинг
  • 4. Анализа и синхронизација
  • 5. Проектен менаџмент
  • 6. Спроведување на национални програми.

Резултатите од истражувањата при подготовката на студијата посочија дека потребите на приватниот сектор на локално и регионално ниво не се потполно задоволени и, притоа, како приоритетни нови услуги се наметнуваат оние услуги со кои ќе се адресираат воочените тесни грла како што се: недостатокот на соодветна координација на активностите поддржани со јавни средства, ефективноста на пристапот до информации и зголемување на степенот на учество на приватниот сектор во носењето соодветни одлуки на локално и регионално ниво.

Поради силните страни и можностите кои им се на располагање, Регионалните бизнис центри во предвидената институционална форма (во рамки на Центрите за развој) логично се наметнуваат за улогата на координатор на активностите на регионално ниво кои се спроведуваат од страна на националните институции и организации и нивните мрежи на локално и регионално ниво, но и олеснувачи на комуникацијата на националните со локалните институции и организации како и со приватниот сектор.

Засегнатите страни се јасни и прецизни дека овие Регионални бизнис центри треба да избегнат испорака на директни услуги на бизнис секторот (подготовка на бизнис планови, физибилити студии и друга документација за кредитирање и слично) и дека е потребно новите функции и услуги да се фокусираат на создавање на ефикасен и ефективен институционален амбиент на ниво на плански регион за поддршка на приватниот сектор.

Регионалните бизнис центри во рамки на Центрите за развој се природно најсоодветни за вклучување во планирањето и следењето на степенот на рамномерниот економски развој, особено во комуникацијата со бизнис секторот, како и во планирањето и мониторингот на регионалните индикатори за економски развој, развој на претприемништвото и економските сектори.

Ваков Центар е формиран и во Источниот плански регион во состав на Центарот за развој на Источен плански регион – Штип, кој треба да ги надополни постојните услуги насочени кон бизнис секторот во квалитет – целисходност, применливост и додадена вредност и квантитет – зголемено мени на услуги и опфат на корисници преку лобирање, информирање и вмрежување. Формирањето на Бизнис центар за поддршка и консултативни услуги за мали и средни претпријатија во Источниот плански регион технички и финансиски е поддржано од Министерството за локална самоуправа и Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП).

Контакт