Инвестирајте во источниот регион

ВОДИЧ ЗА ИНВЕСТИЦИИ ВО ИСТОЧЕН ПЛАНСКИ РЕГИОН

Животна средина

Состојба со квалитетот на животната средина во Источниот плански регион е сличен, како и во другите региони во Република Македонија.
Цврст отпад
Управувањето со цврстиот отпад во Источниот плански регион се сведува на негово собирање, транспорт и депонирање. За управувањето со цврстиот отпад одговорни се Општинските комунални претпријатија. Депонирањето на цврстиот комунален отпад во Источниот плански регион се врши на локалните односно т.н. општински депонии. Во овој регион постојат 17 депонии, евидентирани согласно Националниот план за управување со отпад, а кои според ризикот за загадување на животната средина се класифицирани на следниот начин: 3 депонии - висок ризик; 8 депонии - среден ризик и 6 депонии - низок ризик.

Согласно Националната стратегија за управување со отпад, проблемите во управувањето со цврстиот отпад може да се надминат преку воведување на регионално интегрално управување со цврстиот отпад, согласно директивите на ЕУ. Источниот регион е планирано да воспостави интегрално управување со комуналниот отпад преку користење на средства од ЕУ преку ИПА програмата.

Рециклирањето, односно селекцијата на рециклабилните фракции од комуналниот цврст отпад се врши на многу мал дел од отпадот и тоа преку селекција на отпадот во поставени садови за отпад во неколку општини. Неформалниот сектор ја собира отпадната пластика и метал директно од садовите за собирање на отпадот.

Организирано собирање постои само за отпадот од пакување. Регионалниот план за управување со отпад е подготвен и основано е регионално претпријатие за управување со цврстиот отпад.
Другите видови на отпад, како што се отпадни гуми, батерии и акумулатори, отпадни масти и масла, искористени возила и отпад од електрични и електронски апарати не се селектираат и завршуваат на депониите за комунален отпад. Во општина Штип одредени приватни претпријатија управуваат дел од овие видови на отпад, но во количини кои се релативно мали. Медицинскиот отпад само се собира одвоено и се третира соодветно (инсенерација).