Инвестирајте во источниот регион

ВОДИЧ ЗА ИНВЕСТИЦИИ ВО ИСТОЧЕН ПЛАНСКИ РЕГИОН

Општина Пехчево

Во пазувите на Малешевската котлина на површина од 206,88 km2 е сместена општина Пехчево, административниот центар на поширокиот регион на Малеш и Пијанец, а од 1952 година и седиште на Малешевската околија.
Територијата на Општина Пехчево изобилува со голема разновидност на животински, растителни ендемични видови, со одлични можности за лов и риболов. Меѓу пространите шумски комплекси се наоѓаат бројни острови на ливади, пасишта прошарани со сочни малини и други шумски бобинки: шумски јагоди, капини, малини, аронија, дренки. Густата борова и букова шума во пехчевскиот дел на Малешевските Планини со години ги криела седумте водопади кај изворите на Брегалница, најголемата река во Источна Македонија. Ваквото природно богатство ја прави Општината пожелна туристичка дестинација. Покрај можноста за развој на авантуристичкиот и руралниот туризам, Општината има развиена дрвна индустрија и индустрија за производство на огноотпорни материјали. Во Општината е сместена и локалната канцеларија на Програмата за зачувување на природата во Република Македонија.

Општина Пехчево во моментот има две индустриски зони:
1. Индустриска зона „Подуово“;
2. Индустриска зона „Грозил“;

На индустриската зона Подуово се продадени речиси сите парцели предвидени за таму (освен една), додека уредувањето на индустриската зона Грозил е во тек. Во општина Пехчево има неколку објекти од кои дел се во општинска сопственост, дел се во приватна сопственост кои во иднина можат да се искористат како потенцијал за „brownfield“ инвестиции и тоа:

1. Објектот на поранешната фабрика за производство на плочки во Пехчево која во моментот се наоѓа во приватна сопственост и е со вкупна површина од 14.000 m2;

2. Објектот на поранешната „Караула“ во Пехчево која се наоѓа на Ченгино Кале. Овој објект е во општинска сопственост – целината е сочинета од три објекти: едниот со површина од 37 m2, другиот со површина од 158 m2, а третиот со површина од 141 m2 и земјиште со површина околу 30.517 m2;

3. Објектот на поранешната конфекција „Комуна“ – Пехчево со површина од 2.000 m2, кој е во приватна сопственост;

4. Домови на културата во сите села во општина Пехчево кои се наоѓаат во општинска сопственост со површина од околу 200-300 m2 и кои можат да бидат потенцијални мали фабрики за развој на текстилната индустрија.