Инвестирајте во источниот регион

ВОДИЧ ЗА ИНВЕСТИЦИИ ВО ИСТОЧЕН ПЛАНСКИ РЕГИОН

ЕУ - членство

Со Европската Унија Република Македонија воспостави дипломатски односи во декември 1995 година, а ја склучи „Спогодбата за соработка“ во 1997 година, „Спогодбата за стабилизација и асоцијација“ во 2001 година, а во 2005 година се стекна со кандидатскиот статус за членство во Европската Унија. Стекнувањето на статусот земја-кандидат за членство во ЕУ е политичко признание за постигнатиот напредок на земјата во остварувањето на реформските процеси и во градењето отворено, демократско општество, и со него е означен влезот на Република Македонија во повисока фаза од процесот на Европската интеграција.
Агендата за пристапување на државата во ЕУ јасно се рефлектира во Националната програма за усвојување на правото на ЕУ (законодавни измени и мерките за институционално зајакнување на краток и на среден рок), во Претпристапната економска програма (мерки за исполнување на Копенхашките економски критериуми) и во Националниот план за развој (инвестициски приоритети за остварување на развојните цели на државата) - документи, кои редовно, на годишна основа, се приспособуваат согласно со препораките од Европската комисија.
Цел на Република Македонија е целосно да ги исполни европските стандарди за функционална демократија и просперитетна пазарна економија, со што ќе биде способна да ги превземе сите обврски што произлегуваат од членството во Европската Унија.
Во процесот на интеграција на Република Македонија во Европската Унија, визната либерализација е една од клучните придобивки што се сметаат за еден од најзначајните чекори во натамошната Европеизација на Македонското општество. Тоа многу придонесе за олеснување на контактите меѓу луѓето, подобрување на бизнис-можностите и размена на стоки, добра и идеи, унапредување на соработката во сите сфери на општественото живеење. Особено позитивно влијае врз образованието и стручната надградба на младите генерации како главни носители на развојот на Република Македонија во идна земја-членка на ЕУ.