Инвестирајте во источниот регион

ВОДИЧ ЗА ИНВЕСТИЦИИ ВО ИСТОЧЕН ПЛАНСКИ РЕГИОН

НАТО - членство

Определбата за Евро-атлантско интегрирање на Република Македонија датира од 1993 година, кога Собранието ја усвои Резолуција за влез на земјата во НАТО. Република Македонија, од корисник на безбедност, за кратко време прерасна во доверлив и компатибилен партнер на Алијансата, кој активно придонесува во безбедносните мисии на НАТО, ЕУ и ООН, во регионот и во светот.
На 15 ноември 1995 г. Република Македонија го потпиша Рамковниот документ за пристапување кон програмата Партнерство за мир. Во тоа време, Република Македонија е примена и во Северно-атлантскиот совет за соработка, подоцна Евро-атлантски партнерски совет. На 14 јуни 1996 година е отворена Канцеларија за врски на Р. Македонија, а при крајот на 1997 година е отворена и Постојаната мисија на Р. Македонија во седиштето на НАТО во Брисел. Во април 1999 година на Самитот на НАТО во Вашингтон, Република Македонија се стекнува со статус кандидат за членство во Алијансата, со што започнува со подготовка и реализација на Акциониот план за членство. Во очекување на покана за членство во НАТО, најголем акцент останува на натамошното развивање и унапредување на односите и соработката со Алијансата и нејзините земји - членки, како во делот на оперативната и партнерската соработка, така и во рамките на процесот на целосна интеграција во Алијансата.