Друштво со ограничена одговорност е трговско друштво во кое едно или повеќе физички и правни лица учествуваат со по еден влог во однапред договорената основна главнина на друштвото. Влоговите на содружниците можат да бидат со различна големина. Содружниците не одговараат за обврските на друштвото.

Основната главнина на друштвото се состои од збирот на влоговите на содружниците.
• Основната главнина не може да биде помала од 5.000 ЕВРА во денарска противвредност, според средниот курс на таа валута којшто е објавен од Народната банка на Република
Македонија на денот на уплатата, освен ако основачите не се договориле тоа да биде денот на потпишувањето на договорот за друштвото, односно на изјавата за основање на друштвото. • Износот на основната главнина мора да биде изразен со цел број којшто е делив со бројот 100.

Основањето на друштвото се запишува во трговскиот регистар. Влогот на содружникот може да биде паричен и непаричен.
• Пред поднесувањето на пријавата за упис на основањето на друштвото во трговскиот регистар, содружникот мора да уплати најмалку една третина од запишаниот паричен влог. Пред поднесувањето пријава за упис, износот на уплатите во пари не може да биде помал од 2.500 ЕВРА во денарска противвредност.
• Непаричните влогови во целост се внесуваат пред поднесувањето на пријавата за упис на основањето на друштвото. Ако вредноста на внесениот непаричен влог во времето на поднесувањето на пријавата за упис на основањето на друштвото не го достигне износот на преземениот влог, содружникот мора да ја доплати разликата во пари пред уписот на основањето на друштвото во трговскиот регистар.

Опис на постапка

  • Пријавата за упис на основањето на друштвото ја поднесува управителот, односно управителот овластен од другите управители ако друштвото има повеќе управители. Уписот во трговскиот регистар се врши во писмена форма или во електронска форма.
  • Управителот, односно управителот овластен од другите управители е должен во рок од 15 од денот на стекнувањето на условите за поднесување пријава за упис во трговскиот регистар да поднесе пријава за упис.
  • Во пријавата за упис се наведуваат:
    • фирмата и седиштето на друштвото;
    • предметот на работењето на друштвото;
    • името и презимето, ЕМБГ, бројот на пасошот, односно бројот на личната карта ако содружникот е странско физичко лице или на друга исправа за утврдување на идентитетот-важечка во неговата земја и неговото државјанство, како и местото на живеење, односно фирмата, седиштето, МБС, ако содружникот е правно лице;
    • износот на основната главнина;
    • денот на склучувањето на договорот за друштвото, односно денот на потпишувањето на изјавата за основање на друштвото;
    • времетраењето на друштвото ако тоа е определено со договорот за друштвото или со изјавата за основање на друштвото;
    • името и презимето на управителот, на членовите на надзорниот одбор, односно на контролорот, ако друштвото има орган за надзор, ЕМБГ, занимањето, бројот на пасошот, односно бројот на личната карта за странско физичко лице или на друга исправа за утврдување на идентитетот-важечка во неговата земја и неговото државјанство, како и местото на живеење;
    • овластувањето за застапување на друштвото и
    • интернет страница ако друштвото има ваква страница.

Преку системот за електронска регистрација во Трговскиот регистар и регистарот на други правни лица можете да ги направите сите уписи на основање, промена и бришење на субјекти на упис. Целата постапка можете да ја остварите преку интернет (online), без потреба од доаѓање во канцелариите на Централнот регистар. Системот Ви е достапен 24 часа секој ден. Разгледувањето на пријавите се врши од понеделник до петок, од 8:30 – 16:30 часот. Секоја промена на податоците , како и пристапувањето на содружник во друштвото, односно истапувањето на содружник од друштвото, се запишуваат во трговскиот регистар.
Вкупните трошоци за целокупниот процес на регистрација се одредени со Тарифата на Централен Регистар на Македонија.