Командитно друштво (КД) е трговско друштво во коешто се здружуваат две или повеќе физички и правни лица од кои најмалку еден содружник одговара за обврските на друштвото лично со сиот свој имот, односно неограничено и солидарно ако се најмалку два содружника (во натамошниот текст: комплементар), а најмалку еден содружник одговара за обврските на друштвото само до износот на запишаниот влог во друштвото (во натамошниот текст: командитор). Влогот на командиторот не може да биде во труд и услуги.
• Комплементарите учествуваат најмалку со една петтина во вкупниот износ на влоговите.

Командитното друштво со акции пак, е друштво во коешто основната главнина е поделена на акции, а еден или повеќе содружници одговараат неограничено и солидарно за обврските на трговското друштво со целиот свој имот. Во овој случај бројот на командиторите не може да биде помал од три и фирмата мора да го носи називот „командитно друштво со акции“, односно КДА. Правните односи на комплементарите меѓу себе и спрема командиторите, спрема трети лица, како и во поглед на правото на комплементарите на управување и застапување на командитното друштво со акции се уредуваат соодветно со одредбите за командитно друштво, определени со Законот за трговски друштва. Договорот за командитно друштво со акции го склучуваат сите основачи со заверка на потписите на договорот кај нотар. Комплементарите мораат да учествуваат во склучувањето на договорот за друштвото. Во склучувањето учествуваат и лицата кои ги преземаат акциите за извршените вложувања во својство на акционери. Вложувањата на непаричен влог на комплементарите во договорот за друштвото се определени според видот и височина, при што влоговите на комплементарите заедно не можат да бидат помали од 10% од основната главница.

Основањето на друштвото се запишува во трговскиот регистар.

Постапка за упис на командитно друштво во трговскиот регистар

  • Пријавата за упис на основањето на командитното друштво во трговскиот регистар ја поднесуваат комплементарите. Уписот во трговскиот регистар се врши во писмена форма или во електронска форма .
  • Овластеното лице е должно во рок од 15 дена од денот на стекнувањето на условите за поднесување пријава за упис во трговскиот регистар, да поднесе пријава за упис.
  • Во трговскиот регистар се запишуваат:
    • името и презимето, ЕМБГ, занимањето, бројот на пасошот, односно бројот на личната карта ако содружникот е странско физичко лице или на друга исправа за утврдување на идентитетот важечка во неговата земја и неговото државјанство како и местото на живеење, односно фирмата, седиштето, МБС, ако содружникот е правно лице;
    • фирмата и седиштето на командитното друштво;
    • предметот на работењето на командитното друштво и
    • застапувањето на командитното друштво.
  • Кон пријавата се приложува целосната документација за остварување на постапката.
  • Секоја промена на податоци, како и пристапувањето на содружник во командитното друштво, односно истапувањето на содружник од командитното друштво се запишува во трговскиот регистар.
  • Објавувањето на уписот на основањето на командитното друштво во трговскиот регистар, освен пропишаните податоци, може да го опфати само назначувањето на бројот на командиторите и на вкупниот износ на нивните влогови. Името и презимето, односно фирмата на командиторот не може да се објави без негова согласност. Ова се применува и кога командиторот пристапува кон постоечко командитно друштво, односно истапува од командитното друштво, како и кога се менува видот на влогот или износот до кој командиторот одговара.

Обрасците за упис во треговскиот регистар, заинтересираните можат без надомест да подигнат од сите Регионални и Регистрациони канцеларии на Централниот регистар или да ги преземете по електронски пат.
Вкупните трошоци за целокупниот процес на регистрација се одредени соТарифата на ЦРМ.
Ако поради истапување на сите командитори во командитното друштво останат најмалку два комплементари, командитното друштво може да продолжи да работи како јавно друштво.
• Промената се пријавува за упис во трговскиот регистар, во рок од 30 дена од денот на истапувањето на последниот командитор. Кон пријавата за упис се приложува договорот за јавното друштво.
Преку системот за електронска регистрација во Трговскиот регистар и регистарот на други правни лица можете да ги направите сите уписи на основање, промена и бришење на субјекти на упис. Целата постапка можете да ја направите преку интернет (online), без потреба од доаѓање во канцелариите на Централнот регистар. Поднесувањето на пријавите за упис во регистарот преку интернет можете да ги направите 24 часа на ден. Секоја промена на податоците, како и пристапувањето на содружник во друштвото, односно истапувањето на содружник од друштвото, се запишуваат во трговскиот регистар.
Обрасците за упис во трговскиот регистар, заинтересираните можат без надомест да подигнат од сите Регионални и Регистрациони канцеларии на Централниот регистар или да ги преземете по електронски пат.