За работни односи меѓу работодавачи кои имаат седиште или престојувалиште во Република Македонија и кај нив вработените работници, кога работата постојано се врши на територијата на Република Македонија, како и во случаите кога работодавачот привремено ќе го упати работникот на работа во странство обврските и правната рамка ја дава Законот за работни односи (“Службен весник” на РМ, бр. 16/2010). Овој закон се применува, исто така, за работните односи меѓу странските работодавачи и кај нив вработените работници, коишто се воспоставуваат врз основа на договорот за вработување заради вршење на работа на територијата на Република Македонија.

Во Република Македонија важи забрана на дискриминација и работодавачот не смее кандидатот за вработување да го става во нееднаква положба заради расата, бојата на кожата, полот, возраста, здравствената состојба, односно инвалидност, религиозното, политичко или друго убедување, членување во синдикатите, националното или социјалното потекло, статус на семејството, имотната состојба, половата насоченост или заради други лични околности. На жените и мажите мораат да им бидат обезбедени еднакви можности и еднаков третман при вработувањето, напредувањето во работата, оспособувањето, образованието, преквалификацијата, платите, наградувањето, отсуството од работа, условите за работа, работното време и откажувањето на договорот за вработување. Договорите за вработување можат да бидат на неопределено и определено време или за вршење сезонска работа.

Договор за вработување може да склучи лице кое наполнило 15 години возраст и има општа здравствена способност.
Во Република Македонија полното работно време (Член 116) не смее да биде подолго од 40 часа неделно, а работната недела по правило трае пет работни дена. За работни места кај кои постојат поголеми опасности од повреди или здравствени оштетувања, полното работно време да трае помалку од 36 часа неделно.

Платата на работникот (Член 107) за работа со полно работно време не може да биде пониска од најниската плата утврдена според закон и колективен договор. Работодавачот е должен (Член 108)
за еднаква работа со еднакви барања на работното место да исплаќа еднаква плата на работниците без оглед на полот. Платата се исплатува за периоди кои не смеат да бидат подолги од еден месец и се исплаќа најдоцна 15 дена по изминувањето на исплатниот период.