cesinovo oblesevo чешиново облешевоопштина чешиново opstina cesinovo

Општина Чешиново-Облешево е рурална општина која се наоѓа во најнискиот дел на кочанската котлина, помегу Осоговските планини и Плачковица. Го зафаќа просторот во средното сливно подрачје на реката Брегалница. Таа се карактеризира со висок степен на стопанска развиеност и има основа за перспективен економски развој. На нејзината територија се лоцирани и стопанисуваат повеќе индустриски и преработувачки капацитети од различни стопански дејности. Општината располага со земјиште со најквалитетни алувијални почви кои се протегаат долж текот на реките Брегалница, Масалница, Кочанска и Злетовска Река. Општина Чешиново – Облешево на северо-запад граничи со општина Пробиштип, на источниот и североисточниот дел со општина Кочани, на југо-источниот дел со општина Зрновци, а на југо-запад со општина Карбинци. Преку главната сообраќајница Штип-Кочани-Делчево, општината се поврзува со Р. Бугарија.

Во општината работат фабриките за ориз и млиновите „Мак Млин“, „Млин Пајо-Оризарство“, „Млин Кула“, „Прогрес“, „Данбоз“, „Го-Мил“, „Еуро Производ“, „Млин Уларци“; погоните за лесна конфекција „Јани-текс“ и „Ро-Ма текс“, млекарата „Осогово-Милк“, фабриката за тули ГЗ „Брегалница“.

Во општината деловни објекти можат да се позиционираат во следниве локации:
Индустриска зона Облешево
Лоцирана непосредно покрај магистралниот пат М5 на влезот во с.Облешево, кој Р. Македонија ја поврзува со Р. Бугарија, со површина од 8 ha. Индустриската зона е со намена Г2 – лесна незагадувачка индустрија.

Индустриска зона во Чешиново
Се наоѓа непосредно покрај магистралниот пат М5 на влезот во с.Чешиново, со површина од 16,35 ha. Индустриската зона е со Г2 намена – лесна незагадувачка индустрија. Повеќето индустриски капацитети кои постојат вршат преработка на житни култури (фабрики за ориз, фабрики за брашно), а работи и фабрика за конзервирање и компанија од областа на текстилна индустрија.

Локација за инвестирање м.в. Кривулица, н.м. Облешево
Локацијата е со површина од 1,2 ha.

Локација за инвестирање м.в. “Св. Атанас”, н.м. Спанчево
Се протега на површина од 25,50 ha во с.Спанчево. Од општинскиот центар Облешево е одалечен 4 км. Постои пристапен пат до оваа локација, а на 1,5 киломерти одалеченост е од регионалниот пат R2342. Во оваа локација е предвиден стопански комплекс со намена Г2 – лесна и незагадувачка индустрија и Е2 – комунална супраструктура.