Фондот за иновации и технолошки развој со нов јавен повик „Со дигитална трансформација до иновација”, наменет за мали и средни претпријатија од земјоделско-прехранбениот и туристичкиот сектор.

Дигиталната трансформација на клучните процеси во секторот на мали и средни претпријатија е од суштинско значење за зголемување на ефикасноста и продуктивноста со што тие, покрај тоа што го подобруваат своето работење, стануваат и поконкурентни на странските пазари и ги зголемуваат можностите за извоз.

Малите и средни претпријатија, посебно се соочуваат со предизвици во делот на дигиталната трансформација главно поради ограничените финансиски можности за инвестирање во нови технологии, како и несигурност во долгорочната исплатливост на инвестициите. Освен тоа, на домашните претпријатија (освен на оние кои припаѓаат на секторот информатичко-комуникациски технологии – ИКТ сектор) им недостасува знаење за да ја разберат сложеноста на имплементацијата, трошоците и придобивките од дигиталната трансформација. Повеќето претпријатија имаат доверба во нивните производствени технологии и не сакаат да преземаат инвестициски ризици. Последиците од Ковид 19 пандемијата и енергетската криза се значително изразени во земјоделско-прехранбениот и туристичкиот сектор каде нивото на дигитализација е особено ниско.

Позитивниот став кон иновациите и промените е еден од клучните двигатели на усвојувањето на новите технологии. Поконкретно, претпријатијата кои навремено воведуваат нови дигитални и зелени технологии имаат позитивен став кон дигитализацијата, гледаат напред и имаат јасно разбирање за тоа кои технологии се достапни, како и за тоа кои се трошоците, придобивките и релевантните практики за управување со нив.

Преку поддршката за дигитална трансформација во рамките на овој предзвик, претпријатијата од земјоделско-прехранбениот и туристичкиот сектор како натпреварувачи ќе можат:

  • да ги дигитализираат процесите и услугите со што ќе обезбедат подобро планирање, донесување на бизнис одлуки на основ на анализа на податоци и подобрување на целокупното работење;
  • да го овозможат или забрзаат воведувањето на иновативни производи, услуги и процеси;
  • да го оптимизираат производниот процес и со тоа да ја зголемат економијата на обем;
  • да ги намалат трошоците за производство и со тоа да креираат поконкурентна цена;
  • да го унапредат откупот на суровини и со тоа да влијаат на синџирот на добавувачи;
  • да создадат услови и можности за креирање нови работни места.

Во моментов не постои доволно развиена мрежа на даватели на деловни услуги што може да им помогне на компаниите да спроведат адекватна дијагностика и да изберат оптимални дигитални решенија и експертиза за дигитална трансформација на нивниот бизнис. Овој предизвик ќе им даде можност на стартап хабовите, како клучен сегмент во мрежата на даватели на дигитални услуги, да понудат пристап на МСП до услуги за дигитализација на нивното работење, услуги за градење на дигитални вештини, дигитален маркетинг, сајбер заштита и сл. И градејќи ги своите капацитети, понатаму да прераснат во дигитални хабови кои ќе бидет значаен фактор во процесите на дигитализација на локално но и на регионално ниво.

ИКТ секторот во голема мерка нуди дигитални услуги и производи главно за странски клиенти поради што постои слаба интеграција и соработка со домашните не-ИКТ компании. Преку овој предизвик, претпријатијата од овој сектор ќе имаат можност да креираат нов (домашен) пазар за нивните дигитални решенија или услуги, да ја зголемат продажбата преку понуда на слични дигитални решенија и на други компании од истиот или различен сектор, дома или во странство, и да креираат нови работни места.

Целта на овој предизвик е зголемување на иновативноста, конкурентноста и продуктивноста на малите и средни претпријатија во земјоделско-прехранбениот и туристичкиот сектор преку воведување на дигитални решенија кои ќе водат кон дигитална трансформација во нивното работење. Воедно, предизвикот има за цел да овозможи зајакнување на капацитетите на дигиталните иновациски хабови како дел од екосистемот неопходен за понатамошна дигитална трансформација.

Вкупниот буџет на предизвикот изнесува 18.450.000 денари.

Фондот обезбедува финансирање до 70% од вкупниот буџет за проектот за микро или мало претпријатие, односно до 50% вкупниот буџет за проектот за средни претпријатија, во максимален износ од 1.845.000 денари.

Фондот за иновации и технолошки развој овој предизвик го реализира во партнерство со Програмата за зголемување на пазарната вработливост (Increasing Market Employability (IME) Program) на Швајцарската агенција за развој и соработка и ИНОФЕИТ ДИХ.

ИМЕ ќе учествува во вкупниот буџет на предизвикот со финансиски средства од 6.150.000 (шест милиони и сто и педесет илјади) денари.

Рокот за аплицирање на јавниот повик е до 20/03/2023 година, до 14:00 часот.

Повеќе информации за условите и начинот на аплицирање се достапни на следниот линк:

https://fitr.mk/digitalna-transformacija/?fbclid=IwAR1HBQyA_GFoJ7yBo-9sgfYAKvxhPit_kcERL2ZT7lhUj3N-KFzSmMRtz9Q