Водич за инвестирање во ИПР | Општини

Погодни општини за инвестирање

Општина Берово2019-03-29T22:41:19+01:00

Малата погранична општина Берово е синоним за еколошки чиста средина. Тоа е општина со воздух со најголема концентрација на кислород во Република Македонија. Општината сместена на надморска височина меѓу 670 и 1050 метри ја карактеризира претежно ридско-планинскиот релјеф. Рамничарски се единствено терените околу речното корито на реката Брегалница која минува долж општината. Општината изобилува со природни услови за развој на земјоделство и сточарство и производство на чисти еколошки производи. Во последно време се повеќе се создаваат услови за развој на туризмот со изградбата на нови приватни сместувачки капацитети за рурален туризам. Општина Берово има потенцијал од стручни кадри од сите профили со високо образование кои можат да одговорат на сите предизвици на потенцијалните инвеститори.

Во општината има две индустриски зони и неколку слободни зони за инвестиции:

1. ТИРЗ-Шушлевец која се протега на површина од 17,38 ha на патот Берово-Струмица.

2. Согласно државната планска документација за ТИРЗ Берово, Министерството за транспорт и врски и Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони се започна со реализација на проектот „Технолошко индустриска развојна зона – Берово“. Местоположбата на ТИРЗ Берово е на м.в. „Шушлевец“, непосредно до Зоната за мало стопанство и лесна индустрија согласно ГУП на Општина Берово. Опфатот на ТИРЗ-Берово, со површина од 15,5 ха, во близина на регионалниот пат Берово-Струмица.

 
сл. Шушлевец

Индустриски Зони за Инвестирање во Општина Берово

1. Индустриска зона за мало стопанство и лесна индустрија со површина од 10 ha која се наоѓа на патот Берово-Смојмирово од левата страна.

2. Зона за мало стопанство и сервиси со површина 5 ha кај поранешна Исхрана-Берово.

3. Градска зона за мало стопанство 13 ha спроти објектот на поранешен ,,Огражден,,-Берово

4. Зона за лесна индустрија и призводство со површина од 10 ha кај фабриката ,,Алкалоид“ во Берово.

Примери за успешни green fileld инвестиции се туристичките комплекс Аурора (www.auroraresort.mk), Туристички комплекс Бела Вода (www.facebook.com/kompleksbelavoda) и Хотел Манастир (www.hotelmanastir.com.mk).
Успешна brown field инвестиција е Агромах (www.agromax.mk) – фабрика за сушено овошје и зеленчук, Полотекс –Берово (http://www.clubeconomy.com.mk/detali.aspx?id=946) – погони за текстил.

1. Технолошка индустриска развојна зона Берово

2. Градска Зона за мало стопанство блок 1


Општина Виница2019-03-29T22:40:06+01:00

Градот Виница е познат како производител на текстил и трикотажа. Во поново време и развојот на дрвната индустрија оди во нагорна линија. Неколку локални извозно ориентирани фирми имаат погони за производство на мебел и пилани кои произведуваат граѓа. Во општина Виница постојат одлични природни и агротехнички услови за развој на земјоделие. Почвата е плодна, од алувијално потекло, а најголем дел од селскиот атар е обработлива површина. Поволната сообраќајна местоположба, квалитетот и структурата на економските капацитети, реалниот потенцијал за индустриски прогрес, високостручната и квалификувана работна сила се објективни индикатори и компоненти кои упатуваат на развојните стратегии на општината. Виница е богата со природни, историски и археолошки локалитети. Белег на градот му дава спортско рекреативниот комплекс, составен од спортската сала, градскиот стадион, современиот градски парк и олимпискиот базен.
Во поглед на локалниот економски потенцијал и расположивите стопански капацитети, Општина Виница се вбројува во категорија општини во развој. Индустрискиот раст се интензивираше во последните 10 години како резултат на домашни и странски инвестиции.

Општина Виница ви ги става на располагање две индустриски зони и девет слободни локации за инвестирање:
1. -ТИРЗ-ВИНИЦА, вкупно П=21,04 ha со намена: Г2,Г3,Г4-лесна и незагадувачка индустрија, сервиси, стоваришта:
Локации:
2.1 П=18.383 m2;
2.2 П=15.603 m2;
2.3 П=21.144 m2;
2.4 П=18.342 m2;
2.5 П=15.332 m2;
2.6 П=19.416 m2;
2.7 П=21.115 m2.

2. Блок „4“ во Виница, со намена: Е2-комунална супраструктура:
Локации: 1.51 П=8.749 m2;
1.52 П=8.542 m2.

Локации за Инвестирање во Виница:
1. Технолошка индустриска развојна зона „ВИНИЦА“


2. Блок „4“


Општина Делчево2019-03-29T22:40:30+01:00

На 164 km источно од Скопје, во подножјето на планината Голак, распослан на двата брега на реката Брегалница лежи градот Делчево. Тоа е најголемо населено место во областа Пијанец, која се протега на површина од 585 km2, сместена помеѓу Осоговските планини на север и Малешевските на југ. Општина Делчево се наоѓа во најисточнот дел од државата и претставува крстосница за источна Македонија. Доминантно место во стопанскиот развој на општината има индустријата, по што следат земјоделството и градежништвото, со нагласено учество на терцијарниот сектор: трговија, угостителство и мало стопанство. Локалната самоуправа е главниот носител на економскиот развој на општината посочувајќи ги економските потреби заради побрз стопански развој, привлекување на нови и зачувување на постојаните бизниси.

Индустриско развојна зона Делчево се наоѓа во близина на град Делчево лоцирана лево од патот кон селото Габрово, Блатиште, КО Делчево, општина Делчево. Зоната се протега на површина од вкупно 20,8 ha.



сл. ТИРЗ Делчево

Општина Зрновци2019-03-29T22:37:50+01:00

Под падините на планината Плачковица, сместена меѓу Виница на исток, Чешиново-Облешево на запад и Кочани на Север се наоѓа Општина Зрновци. Три илјади двесте шеесет и четирите (3264) жители, колку што брои општината, претежно се занимаваат со земјоделство, а присутни се и конзервната, дрвната и преработувачката индустрија. Низ селото Зрновци минува прекрасната планинска река Зрновка која изобилува со речен рак и пастрмка и е една од најголемите притоки на Брегалница. Општина Зрновци се наоѓа на само 8km од меѓународниот пат кон Бугарија, на само 8km од железниката пруга во Кочани и е на 8km од градот Кочани, а 6km од Виница. Има одлични патни врски, во низински дел е и е проодно во текот на целата година. Климата во Зрновци е специфична и благопријатна особено во летниот период кога е присутен познатиот Зрновски вечерен ветер. Општината е распослана на терен погоден за развој на туризмот, хотели, авантуристички паркови, камп паркинзи и слична инфраструктура.
Во рамки на општината функционира Зона за мало стопанство – Зрновци. Сочинета е од 3 слободни плаца на државно земјиште и десетина во приватна сопственост. Урбанизирана со пристапен пат и комуналии. Веднаш на излезот од с.Зрновци кон с.Мородвис. Постоечки „greenfield“ инвестиции се млекара во Зоната за мало стопанство и модерниот склад за брашно и житарици во Зоната за мало стопанство.

Општина Карбинци2019-03-29T22:37:25+01:00

Општина Карбинци се карактеризира со релативно чиста животна средина, од причини што поголеми извори на загадување на воздухот, водите и почвата нема лоцирано во самата општина. Природните услови одат во прилог на можноста за одгледување на сите полјоделски структури-житни, индустриски, градинарски и фуражни, како и за подигање на овошни и лозови плантажни насади и развој на сточарството, за кое постојат изразити погодности имајќи ги предвид површините под пасишта. Општина Карбинци располага со вкупна аграрна површина од 19.936 ha, од која 9.078 ha се земјоделска површина, погодна за одгледување на сите видови житни, градинарски и фуражни култури како и лозови и овошни насади, вкупна површина под шуми 5.255 ha и пасишта кои заземаат површина од 5.635 ha. Низ подрачјето на општината поминува река Брегалница со просечен годишен проток од 17.9 m3/sek, а во југо-источниот дел од седиштето на Општината се наоѓа сливот на Козјачка река (годишен проток од m3/sek), Аргуличка река (годишен проток од 0,102m3/sek) и Раданска река (годишен проток од 0,10 m3/sek). Во однос на расположивоста со работоспособно население, општината Карбинци е во поволна положба со самиот факт дека 60% од населението е работоспособно (деца и младинци до 17 години има 27,52% и 12,48% се стари лица над 65 години).

Општината располага со следниве индустриски зони и локации за инвестирање:
– Урбанистички план за Стопански комплекс БЛОК 2 – Карбинци, Општина Карбинци сместен покрај регионалниот пат Р601 (Штип-планина Плачковица) и пристапната улица за село Карбинци. Покрај зоната поминува водоводна и канализациона мрежа и далекувод 10KV.
– Урбанистички план вон населено место Таринци за Стопански комплекс во КО Таринци, Општина Карбинци сместен покрај регионалниот пат Р601 (Штип-планина Плачковица) и пристапната улица за село Таринци. Покрај зоната поминува водоводна и канализациона мрежа и далекувод 10KV.
– Урбанистички план вон населено место Таринци: се наоѓа покрај локалниот пат село Таринци – село Долни Балван. Покрај зоната поминува водоводна и канализациона мрежа и далекувод 10KV.

Општина Кочани2019-03-29T22:39:09+01:00

Општина Кочани претставува развиен индустриско – земјоделски град во кој работат бројни индустриски капацитети. Повеќето капацитети кои се формирани пред осамостојувањето на Република Македонија се лоцирани во индустриската зона со површина 47,5 ha, во источниот дел од градот покрај патот за Виница. Останатите капацитети, создадени исклучиво од приватна иницијатива, се лоцирани на излезот од градот, непосредно до патот Кочани-Штип, каде е создадена нова деловна зона – мало стопанство со површина од 38 ha. Кочани лежи на најголемиот геотермален басен на Балканскиот полуостров. Кочанскиот геотермален регион, т.н. лежиште Подлог-Бања е верифицирано како едно од најголемите светски немагматски лежишта на геотермална вода со вкупни резерви од 150 милиони м3 и средна температура од 75 Целзиусови степени. На 20 km северно од Кочани, во прегратките на Осоговските Планини, на 1.580 м надморска височина, во предел со густа букова шума и разновидна вегетација, се наоѓа туристичкиот локалитет Пониква, со повеќе сместувачки капацитети и спортски објекти.

Успешен пример за Brownfield инвестиција е Американска команија „Амфенол“ која се занимава со производство на кабли за автомобилската индустрија и антенски структури за базните станици за мобилна телефонија. Успешен пример за Greenfield инвестиција е Холандска компанија „Антура“ која се занимава со производство на семенски материјал и растенија.

Општина Кочани ви ги става на располагање следниве локации за инвестирање:

1. Зона лесна индустрија и мало стопанство
Непосредно до патот Кочани-Штип, е создадена нова деловна зона – мало стопанство со површина од 38 ha.

2. Зона индустрија
Во источниот дел од градот покрај патот за Виница имаме локација со површина од 47,5 ha.

3. м.в Керамидница „Агро берза“
На убранизирана површина од 25 ha со можности за изградба на откупен центар за земјоделски производи, објекти за примарна и финална обработка на земјоделски производи и цвеќиња.

На север од парцелите минува магистралниот пат, а до парцелите е топловодот со геотермална вода.

Локации за Инвестирање во Кочани:

1. Зона за лесна индустрија и мало стопанство

2. Зона индустрија (УЕ 11 блок целулоза)

3. м.в Керамидница



Општина Македонска Каменица2019-03-29T22:39:39+01:00

Општината Македонска Каменица се наоѓа во североисточниот дел на Република Македонија во подножјето на Осоговскиот масив. Општина Македонска Каменица има стратешка географска положба и одлични транспортни пристапни можности. Низ неа поминува магистралниот пат А3, кој ги поврзува централните со источните делови на Републиката. Во текот на 2015 година треба да започне изградбата на нов регионален пат помеѓу Македонска Каменица и Крива Паланка, со што ќе дојде до поврзување на источните со североисточните делови на Републиката. Општина Македонска Каменица располага со ефикасна локална администрација и нуди најниски локални даноци во регионот. Таа исто така располага со млад, образован и прилагодлив работен кадар.

Општината располага со две индустриски зони кои има се достапни на инвеститорите од областа на лесната и незагадувачката индустрија, сервисите и стовариштата:

01. Индустриска зона за лесна и незагадувачка индустрија, стоваришта и сервиси
Локација: Каменички рид
Урбанистички парцели: 47

02. Индустриска зона за лесна индустрија и сервиси
Локација: Цинкара (во близина на бензинска пумпа Макпетрол)
Урбанистички парцели: 7

Рибниот фонд на вештачката акумулација „Калиманци“ може да се користи за комерцијални цели. Дополнително, Општината располага и со неискористен хидро – енергетски потенцијал кој може да се искористи за производство на електрична енергија.

Рудник за олово и цинк „САСА“ (www.sasa.com.mk), ХЕЦ Калиманци и Гаматроникс се примери за успешни постоечки „brownfield“ инвестиции во Општината.

Општина Пехчево2019-03-29T22:40:54+01:00

Во пазувите на Малешевската котлина на површина од 206,88 km2 е сместена општина Пехчево, административниот центар на поширокиот регион на Малеш и Пијанец, а од 1952 година и седиште на Малешевската околија.
Територијата на Општина Пехчево изобилува со голема разновидност на животински, растителни ендемични видови, со одлични можности за лов и риболов. Меѓу пространите шумски комплекси се наоѓаат бројни острови на ливади, пасишта прошарани со сочни малини и други шумски бобинки: шумски јагоди, капини, малини, аронија, дренки. Густата борова и букова шума во пехчевскиот дел на Малешевските Планини со години ги криела седумте водопади кај изворите на Брегалница, најголемата река во Источна Македонија. Ваквото природно богатство ја прави Општината пожелна туристичка дестинација. Покрај можноста за развој на авантуристичкиот и руралниот туризам, Општината има развиена дрвна индустрија и индустрија за производство на огноотпорни материјали. Во Општината е сместена и локалната канцеларија на Програмата за зачувување на природата во Република Македонија.

Општина Пехчево во моментот има две индустриски зони:
1. Индустриска зона „Подуово“;
2. Индустриска зона „Грозил“;

На индустриската зона Подуово се продадени речиси сите парцели предвидени за таму (освен една), додека уредувањето на индустриската зона Грозил е во тек. Во општина Пехчево има неколку објекти од кои дел се во општинска сопственост, дел се во приватна сопственост кои во иднина можат да се искористат како потенцијал за „brownfield“ инвестиции и тоа:

1. Објектот на поранешната фабрика за производство на плочки во Пехчево која во моментот се наоѓа во приватна сопственост и е со вкупна површина од 14.000 m2;

2. Објектот на поранешната „Караула“ во Пехчево која се наоѓа на Ченгино Кале. Овој објект е во општинска сопственост – целината е сочинета од три објекти: едниот со површина од 37 m2, другиот со површина од 158 m2, а третиот со површина од 141 m2 и земјиште со површина околу 30.517 m2;

3. Објектот на поранешната конфекција „Комуна“ – Пехчево со површина од 2.000 m2, кој е во приватна сопственост;

4. Домови на културата во сите села во општина Пехчево кои се наоѓаат во општинска сопственост со површина од околу 200-300 m2 и кои можат да бидат потенцијални мали фабрики за развој на текстилната индустрија.

Општина Пробиштип2019-03-29T22:38:43+01:00

Општина Пробиштип е типично индустриски град кој настанал како резултат на потребите на индустријата и функционира за потребите на индустријата. Познат е како рударски град, поради неговата близина со рудникот за олово и цинк Злетово. Покрај рударството во градот постои и индустриски капацитет за производство на батерии и акумулатори. Општината располага со квалификувана работна сила, токму за потребите на постоечката индустријата. Општина Пробиштип е значаен индустриски, општествен, образовен, културен и административен центар. Сместен е во познатата Кратовско-Злетовска област на површина од 325,57 km2 и има густина на населеност од 49,74 жители/km2. Административниот центар – Градот Пробиштип е поврзан со сите 37 населени места во општината со локални патишта од кои 90% се асфалтирани. Во себе инкорпорира две (2) индустриски зони во кои локалната самоуправа има изградено комплетна инфраструктура.
Фабриката за акумулатори ТАБ-МАК претставува успешна приказна на „brownfield“ инвестиција во општина Пробиштип. Фабриката функционира во просториите на некогашната фабрика за акумулатори „Злетово“. Претставува еден од најзначајните вработувачки капацитети во градот, кој вработува повеќе од 270 лица. Фабриката е дел од маѓународното акционерско друштво ТАБ а.д. со седиште во Межице, Словенија.

Во рамки на општината постојат 2 индустриски зони во кои општината има изградено комплетна инфраструктура. Општината има донесено детални урбанистички планови за следниве локации кои се наменети за индустриски објекти и тоа:

УБ 2.1. со површина од 10,45 хектари, со вкупно 20 парцели од кои слободни се уште 10 парцели за продажба. Цената на парцелите за електронскот јавно наддавање е 1 ЕУР/m2. Намена на парцелите е Г1 тешка и загадувачка индустрија и Г2 лесна и незагадувачка индустрија, со цена од 1 ЕУР/m2.

УБ 12.1 со површина од 18,8 хектари со предвидени вкупно 45 парцели, од кои 6 се слободни со намена Г2 лесна и незагадувачка идустрија и Г3 сервиси. Цената на парцелите е 1 ЕУР/m2.

Во постапка на донесување на ДУП за УБ 7.5 со површина од 6,45 хектари. Цената на парцелите на електронското јавно наддавање ќе биде 1 ЕУР/m2. Намената на локациите ќе биде за производство, дистрибуција и сервиси. Локацијата за инвестирање ќе биде целосно инфраструктурно решена.

1. Урбан блок 2.1

2. Урбан блок 12.1

3. Индустриски комплекс Неокази

Општина Чешиново-Облешево2019-03-29T22:38:17+01:00

Општина Чешиново-Облешево е рурална општина која се наоѓа во најнискиот дел на кочанската котлина, помегу Осоговските планини и Плачковица. Го зафаќа просторот во средното сливно подрачје на реката Брегалница. Таа се карактеризира со висок степен на стопанска развиеност и има основа за перспективен економски развој. На нејзината територија се лоцирани и стопанисуваат повеќе индустриски и преработувачки капацитети од различни стопански дејности. Општината располага со земјиште со најквалитетни алувијални почви кои се протегаат долж текот на реките Брегалница, Масалница, Кочанска и Злетовска Река. Општина Чешиново – Облешево на северо-запад граничи со општина Пробиштип, на источниот и североисточниот дел со општина Кочани, на југо-источенниот дел со општина Зрновци, а на југо-запад со општина Карбинци.

Преку главната сообраќајница Штип-Кочани-Делчево, општината се поврзува со Р. Бугарија. Општината ги опфаќа:

Индустриска зона Облешево
Се наоѓа непосредно покрај магистралниот пат М5 на влезот во с.Облешево, кој Р.Македонија ја поврзува со Р.Бугарија, со површина од 8 ha. Индустриската зона е Г2 (лесна незагадувачка индустрија).

Индустриска зона во Чешиново
Се наоѓа непосредно покрај магистралниот пат М5 на влезот во с.Чешиново, со површина од 16,35 ha. Индустриската зона е Г2 (лесна незагадувачка индустрија). Повеќето индустриски капацитети се за преработка на житни култури (фабрики за ориз, фабрики за брашно, фабрика за конзервирање, текстилна индустрија и сл.).

Населба „Баби”
Населбата Баби се наоѓа на одалеченост од околу 5 km од централното градско подрачје, на Регионалниот пат Р-601. Согласно ДУП, дефинирани се четири слободни локации. Електроенергетско напојување, патна, водоводна и канализациона инфраструктура се пристапни на околу 50 метри од локациите.

Локација за инвестирање м.в. “Св. Атанас”, н.м. Спанчево
Се наоѓа на површина од 25,50 ha во с.Спанчево. Од општинскиот центар Облешево е одалечен 4 km. Постои пристапен пат до оваа локација, на 1,5 km е одалечен од регионалниот пат R2342. Во оваа локација е предвиден стопански комплекс со намена Г2 – лесна и незагадувачка индустрија и Е2 комунална супраструктура.

Локација за инвестирање м.в. Кривулица, н.м. Облешево со површина од 1,2 ha.

Општина Штип2019-03-29T22:36:55+01:00

Штип е познат индустриски центар препознатлив по развиената текстилна конфекциска индустрија, чевларска, прехрамбена и преработувачка индустрија. Споредено со европските градови, Штип е еден од водечките, според бројот на вработени во текстилството. Општината е опкружена со вкупна аграрна површина од 31.757 ha, од кои 9.906 ha се обработливи површини. Карактеристика и благодет на земјоделството во Штип е тоа што во овој дел на Овчеполието протекуваат водите на ХС Брегалница и поголем дел од земјоделските површини се опфатени со системот за наводнување. Градот лежи на термоминерални води чии што извори Кежовица и Л’џи се ставени во функција на човековото здравје преку уредена бања со базени, како и центар за рехабилитација. Хемиската анализа потврдува дека температурата на водата е константно 58 степени целзиусови, а истата изобилува со мноштво на минерали што поволно влијаат врз човековото здравје. Во општината се сместени и седиштето на Државниот Универзитет „Гоце Делчев“ кој брои 12 Факултети и 3 академии.

Успешен пример за Brownfield Инвестиција во Општина Штип е американски „Џонсон Контролс“ (www.johnsoncontrols.com).

Индустриската зона Север и Запад се дел од урбанистичкиот план на градот Штип. Индустриската зона Запад, која се протега западно од магистралниот пат Скопје-Штип има урбанизирано 15 парцели со вкупна површина од 30,7 ha. Од нив, недоделени се три парцели со вкупна површина од 8,500 m2 со вкупна корисна површина од 3,300 m2.

Урбанизирани парцели со градежно земјиште има на следниве локации во општината:
– Индустриската зона Север
– Населба Баби Работна зона
– Индустриска зона Каленица
– Дел од Индустриска зона Стококооп
– Работна Зона Балканска
– Индустриска зона Пребег
– Комерцијална зона Баби
– Поранешна ПИ Македонка

1. Индустриска зона „Север“
Индустиската зона „Север“ се наоѓа на Магистралниот пат М-5 на одалеченост од 3 km. од централното градско подрачје. Индустриската зона Север располага со 15 уредени градежни парцели целосно покриени со електроенергетско напојување, патна, водоводна и канализациона инфраструктура. Дел од овие градежни парцели се со изградени капацитети, дел се во фаза на изградба и три локации наменети за изградба на деловно стопански објекти се слободни.

2. Работна зона „Балканска“
Работната зона „Балканска“ се наоѓа на одалеченост од околу 3 км од централното градско подрачје со директна врска со Магистралниот пат М-5. Во работна зона „Балканска” егзистираат неколку поголеми индустриски капацитети, стоваришта, складишта, шпедиции и царински терминал. Согласно ДУП се дефинирани четири слободни локации. Електроенергетско напојување, патната, водоводната и канализационата инфраструктура се пристапни на околу 50 метри од локациите.

3. Населба „Баби“
Населбата Баби се наоѓа на одалеченост од околу 5 км од централното градско подрачје, на Регионалниот пат Р-601. Согласно ДУП, дефинирани се четири слободни локации. Електроенергетско напојување, патна, водоводна и канализациона инфраструктура се пристапни на околу 50 метри од локациите.

4. Индустриски комплекс „Македонка“
Овој индустриски комплекс е на оддалеченост од 5 километри од центарот на Општина Штип. Директно е поврзан со магистралниот пат М-5, до комплексот има издвоен крак на Железничка пруга Штип-Кочани. Согласно ДУП, во овој индустриски комплекс се предвидени 14 слободни локации. Комплексот има комплетна инфраструктура. Земјиштето е во државна сопственост, а изградбата може да започне веднаш.

ТИРЗ „Штип“ е со вкупна површина од 208 хектари се наоѓа северо-западно од градот Штип, на влезот од градот од правец на Скопје. ТИРЗ Штип има патна поврзаност со Скопје и Кочани преку магистралниот пат М5, а се најавува дека ќе биде поврзана и со планираниот карго аеродром во Штип преку магистралниот пат М6. На 2,5 километри се наоѓа железничката станица, а најблискиот меѓународен аеродром е Александар Велики во Скопје на 75 километри, додека Солунското пристаниште е оддалечено 225 км. Властите тврдат дека освен Џонсон Контролс, има и други заинтересирани инвеститори.


Мапа на ТИРЗ Штип