Климата во Источниот плански регион е аридна, односно подрачјето во поголемиот дел е аридно-сушна. Каректеристика на овој вид на клима се долгите и сушни лета со честа појава на високи температури кои се движат и до +41°С и благи и влажни зими со ретка појава на екстремно ниски температури кои се спуштаат и до -22 °С. Ова е последица на судирот на влијанието на медитеранската и континенталната клима. Во делот на малешевијата преовладува континентална клима. Просечните годишни количини на врнежи се движат од 506 mm во областа на Кочанско Поле, па се до 672 mm во Малешевијата. Врнежите се нерамномерно распределени, како по време така и по количини. Максимумот на врнежи е во месеците април-мај, а минимумот е во летните месеци јули-август. Просечната средна годишна температура во рамничарскиот дел е 12.9 °С , додека во Малешевијата е 8.7 °С . Снегот се јавува од декември до март. Маглата ретко се појавува во овој регион, освен во делот на Малешевијата, каде просечно годишно има од 3 до 5 магливи денови.

Климатските услови во регионот се поволни за развој на земјоделството а особено за производство на ориз. Оризовите ниви од Источниот регион покриваат околу 95% од вкупното производство на ориз во Република Македонија. Ораниците и бавчите како дел од обработливите површини учествуваат со 84%. Земјоделското земјиште зафаќа површина од 165.639 ha т.е. 14% од вкупната земјоделска површина во земјата, а дури 88.075 ha т.е. 53.1% се пасишта.

Воден ресурс со најголемо значење е реката Брегалница и двете високи брани на акумулациите Калиманци и Кочанско Езеро. Од особено значење се повеќето минерални извори како и термалните води во Виничко (Истибања) и Штипско (Кежовица).

Шумската површина во регионот изнесува 135.378 ha односно 13% од вкупните шуми во Република Македонија, што е 38% од вкупната територија на регионот.
Важно економско значење имаат олово-цинканите руди од рудниците Злетово, Добрево и Каменица. Годишното производство на руда во овие рудници изнесува 1.000.000 тони. Од неметалните оруднувања, најзастапени се азбестот, каолинските глини, опалска бреча, како и лежиштето на јаглен-лигнит Брик во Берово чија годишна експлотација изнесува 100.000 тони.

Доминантна земјоделска гранка во Источниот плански регион е поледелството и најважна житна култура оризот. Освен оризот, добра застапеност бележи и јачменот, пченицата и пченката што покажува дека постои солидна основа за сточарско производство. Развиени се и раноградинарството, овоштарството и лозарството.

Доминантна индустриска култура е и тутунот а, воедно Источниот регион е најголем производител на компир во државата.

Дури 40% од свињарството во Република Македонија се реализира во регионот.

Малите и средни претпријатија полека го превземаат приматот на најголем производител во нефинансискиот сектор, тие доминираат со 72% во Источниот плански регион. Индустријата во однос на вработувањето учествува со 67%.

Источниот плански регион е седиште на државниот Универзитет „Гоце Делчев“ ( www.ugd.edu.mk), кој брои 12 факултети и 3 академии:

1 – Правен факултет
2 – Економски факултет
3 – Земјоделски факултет
4 – Факултет за информатика
5 – Факултет за образовни науки
6 – Факултет за природни и технички науки
7 – Електротехнички факултет
8 – Факултет за медицински науки
9 – Филолошки факултет
10 – Технолошко-технички факултет
11 – Факултет за туризам и бизнис логистика
12 – Машински факултет
– Ликовна Академија
– Музичка Академија
– Филмска Академија

Овој регион од источната страна се граничи со Р.Бугарија, а комуникацијата со соседната држава се остварува преку граничниот премин Делчево во општина Делчево.