Источниот плански регион ги опфаќа териториите на рамнините во Кочанско и Штипско и околните општини, како и планинските реони на Малеш и Пијанец. Вкупно во регионот има 177.633 ха земјоделско земјиште од што 43,26% или 76.818 хектари се обработливи површини, а 56,74% или 100.784 хектари се пасишта.
Во регионот доминантни обработливите површини се ораници и бавчи со 63.621 hа, овоштарници има 3.710 hа, лозја 1.562 hа и ливади 7.925 hа. Процентуалната застапеност на земјоделските површини е прикажана на следната слика.


Извор: Државен завод за статистика

Бруто додадената вредност во земјоделскиот сектор расте за 14,48% од 62 во 2008 на 71,9 милиони евра во 2012 година, зголемувајќи го притоа учеството во вкупната додадена вредност на државно ниво од 9,63% на 10,09%. Од вкупно 53 земјоделските претпријатија се обработуваат 4.547 ha, додека 23.709 индивидуални земјоделски производители обработуваат 55.606 хектар. Според тоа просечната големина на обработуваното земјиште од земјоделските претпријатија е околу 85,8 ha . Индивидуалните земјоделски производители во просек обработуваат 2,35 ha, што укажува на релативно мала просечна големина, која сепак е над републичкиот просек (1,84 ha). Беровско-Делчевскиот дел е со доста слабо развиена индустрија, па земјоделството е значаен извор на приходи кај домаќинствата во овој простор. Од сето ова може да се заклучи дека во овој регион фрагментираноста на површините е помала од просекот во Републиката, но земјоделските претпријатија управуваат со мали површини во просек.

Од анализата за застапеноста на културите во Источниот плански регион може да се заклучи дека поледелското производство е доминантно во регионот, а приближно еднаквата застапеност на јачменот со пченицата и релативно високата застапеност на пченката укажува на добра база за сточарско производство. Сепак од житните култури во овој регион најголемо значење има оризот, кој иако е застапен на условно мали површини (4839 ha) има огромно значење за растителното производство во регионот. 99,45% од вкупното производство на ориз во земјата се одвива во Источниот плански регион. Доминантна фуражна култура е луцерката, а доминантна индустриска култура е тутунот. Градинарството не е многу застапено. Овој регион е најголем производител на компир во државата, кој исто така е бренд самиот по себе баран на пазарот (посебно Беровски компир). По однос на овошните култури во регионот доминира сливата и ова е најзначаен регион за нејзино производство. Лозарството има потенцијал во Штипскиот регион.