Инвестирајте во источниот регион

ВОДИЧ ЗА ИНВЕСТИЦИИ ВО ИСТОЧЕН ПЛАНСКИ РЕГИОН

Источен плански регион

Источниот плански регион е претежно планински регион и го опфаќа крајниот исток на Република Македонија. Се простира по течението на реката Брегалница, односно се протега низ Штипската, Малешевско-Пијанечката Котлина и Кочанското Поле. Регионот зафаќа 14.2% од вкупната територија на Македонија со 8.6% од вкупниот број на население (2013 година) и со густина на населеност од 50.4 жители на км2. Природно-географските, климатските и хидролошките карактеристики даваат потенцијал за производство на ориз, особено во Кочанското Поле каде што се произведува ориз со познато географско потекло, додека Пијанечката и Малешевската Котлина се особено погодни за развој на овоштарството и градинарство. Поради специфичните геолошки карактеристики на планинските масиви во регионот, се врши експлоатација на олово-цинкова руда. Традиционално, во овој регион е развиена и текстилната индустрија и во него се лоцирани и голем број на конфекциски капацитети. Планинските терени во овој регион претставуваат солиден потенцијал за развој на зимскиот и алтернативниот туризам, иако тие сé уште се во зачеток.

(извор: http://www.stat.gov.mk/Publikacii/Regioni2014.pdf)


Регионот е поделен на 11 општини: Берово, Виница, Делчево, Зрновци, Карбинци, Кочани, Македонска Каменица, Пехчево, Пробиштип, Чешиново-Облешево и Штип.