Инвестирајте во источниот регион

ВОДИЧ ЗА ИНВЕСТИЦИИ ВО ИСТОЧЕН ПЛАНСКИ РЕГИОН

Пазар на работна сила

Податоците за стапката на активното население, вработеноста и невработеноста се поповолни од националниот просек.

Продуктивноста на трудот мерена како БДП по вработен за час работа (2.184 часа годишно) покажува дека регионот има околу 314 денари бруто домашен производ по час работа.

Во приватниот сектор искористеноста на расположливата прекувремената работа е скоро потполна, па реалниот показател за продуктивноста е некаде на 80% од вака пресметаниот. Како и да е, глобалните показатели како општата продуктивност се добри индикатори на релативните односи.

Споредбата на индексите на вработеност со индексите на бруто домашниот производ ја определува динамиката на продуктивноста на трудот во регионот. Индексот на продуктивноста растел во периодот 2010/2009 поради високиот индекс на раст на бруто домашниот производ и стагнацијата на индексот на вработеност, за состојбите да се изедначат во наредниот период, 2011/2010, кога практично и БДП и вработувањето имаат еднаков тренд, па продуктивноста е повисока само за 0.4 индексни поени.

Структурата на невработените во регионот, споредено со просекот на државата и вкупно и според полот и местото на живеење укажува дека невработеноста и во урбаниот и во руралниот дел на регионот е под просекот на државата, посебно кај жените што се должи на големото учество на текстилот во структурата на индустријата.