Инвестирајте во источниот регион

ВОДИЧ ЗА ИНВЕСТИЦИИ ВО ИСТОЧЕН ПЛАНСКИ РЕГИОН

Постапка за упис на ДОО/ДООЕЛ во трговски регистар

Друштво со ограничена одговорност е трговско друштво во кое едно или повеќе физички и правни лица учествуваат со по еден влог во однапред договорената основна главнина на друштвото. Влоговите на содружниците можат да бидат со различна големина. Содружниците не одговараат за обврските на друштвото.

Основната главнина на друштвото се состои од збирот на влоговите на содружниците.
• Основната главнина не може да биде помала од 5.000 ЕВРА во денарска противвредност, според средниот курс на таа валута којшто е објавен од Народната банка на Република
Македонија на денот на уплатата, освен ако основачите не се договориле тоа да биде денот на потпишувањето на договорот за друштвото, односно на изјавата за основање на друштвото. • Износот на основната главнина мора да биде изразен со цел број којшто е делив со бројот 100.

Основањето на друштвото се запишува во трговскиот регистар. Влогот на содружникот може да биде паричен и непаричен.
• Пред поднесувањето на пријавата за упис на основањето на друштвото во трговскиот регистар, содружникот мора да уплати најмалку една третина од запишаниот паричен влог. Пред поднесувањето пријава за упис, износот на уплатите во пари не може да биде помал од 2.500 ЕВРА во денарска противвредност.
• Непаричните влогови во целост се внесуваат пред поднесувањето на пријавата за упис на основањето на друштвото. Ако вредноста на внесениот непаричен влог во времето на поднесувањето на пријавата за упис на основањето на друштвото не го достигне износот на преземениот влог, содружникот мора да ја доплати разликата во пари пред уписот на основањето на друштвото во трговскиот регистар.

Опис на постапка

Преку системот за електронска регистрација во Трговскиот регистар и регистарот на други правни лица можете да ги направите сите уписи на основање, промена и бришење на субјекти на упис. Целата постапка можете да ја остварите преку интернет (online), без потреба од доаѓање во канцелариите на Централнот регистар. Системот Ви е достапен 24 часа секој ден. Разгледувањето на пријавите се врши од понеделник до петок, од 8:30 – 16:30 часот. Секоја промена на податоците , како и пристапувањето на содружник во друштвото, односно истапувањето на содружник од друштвото, се запишуваат во трговскиот регистар.
Вкупните трошоци за целокупниот процес на регистрација се одредени со Тарифата на Централен Регистар на Македонија.