На денот пред отпочнување на фестивалот на хумор и сатира “In Vinica Veritas” и официјално се стави во функција ново реконструираната Сина Сала во Општина Виница, реализирана во рамки на проектот „Подобрување на условите за развој на манифестациски туризам”, финансиран преку Програмата за рамномерен регионален развој. Вкупниот буџет на проектот е 14.7 милиони денари од кои 11.3 милиони денари се средства обезбедени преку Министерството за локална самоуправа – Биро за регионален развој и 3.4 милиони денари се средства обезбедени како кофинансирање од Општина Виница.

Ново реконструираната Сина Сала отсега има уреден соодветен простор за организирање на настани на локално, регионално ниво и на меѓународно ниво како што е и карактерот на фестивалот “In Vinica Veritas”.

Во рамки на проектот се направи комплетна реконструкција на просторот со поставување на нова бина со нови завеси и останати потребни работи за функционалност; се поставија соодветни подови и теписони на целиот простор; се направи комплетна замена на електриката, осветлувањето и озвучувањето; се поставија нови 248 столици за аудиториумот; се изврши реконструкција на санитарните јазли на објектот; и се постави дел од кровната површина со зелен кров;

Еден од приоритетите на Источниот плански регион е реализација на проекти со цел постепено надминување на инфраструктурните диспаритети помеѓу општините во рамки на регионот во областите на култура, спорт, рекреација, генерално во туризмот со цел зајакнување на регионот како атрактивна туристичка дестинација.