Во рамките на проектот “Зелени згради за заедничка зелена иднина-ГРЕЕН” се започна со реализација на главната активност од проектот, Градежни работи на административната зграда на Општина Кочани и промена на нејзината енергетска ефикасност од класа D во класа B.
За таа цел на 17ти Мај 2017 година (среда) во Општина Кочани, претставници од Центарот за развој на Источен плански регион како носител на проектот и Општина Кочани како партнер во проектот оддржаа координативен состанок со избраниот Изведувач на градежните работи компанијата “Анoл Импекс” – Скопје и фирмата одговорна за вршење на стручен надзорот над објектот „Студио Атриум“ – Штип.
Целта на состанокот беше официјално воведување во работа на изведувачот, разгледување на објектот (административната зграда на Општина Кочани) од страна на стручните лица и дискусија околу динамичкиот план за изведување на работите.
Во текот на наредните 8 (осум) месеци заклучно со декември тековната година треба да се изврши промена на фасадата, комплетна промена на надворешните прозори и врати, реконструкција на кровот на стариот објект, изградба на зелен кров на новата зграда како единствен репрезентативен примерок во регионот, поставување на лифт и адаптација на тоалети за лица со физички хендикеп.
На координативниот состанок се потенцира потребата од изработка на прецизен динамичен план за изведба на градежните работи за да не се наруши или стопира работата на институцијата како неопходен сервис на граѓаните.
Градоначалникот Ратко Димитровски истакна дека паралелно со овие градежни активности Општина Кочани ќе работи на замена на комплетната стара електрична инсталација и на надворешниот влез во зградата.
Проектот „Зелени згради за заедничка зелена иднина“ е финансиран од Интерег ИПА – Програмата за прекугранична соработка Македонија-Бугарија, Центарот за развој на Источниот плански регион е Водечки партнер во соработка со Обласната администрација Благоевград како партнер.
Вкупната вредност на проектот е 398 илјади евра, а краен рок за реализација е октомври 2018 година.
Со проектот се промовира соработка и нови иновативни практики во делот на заштита и зачувување на животната средина преку употреба на нови технологии и мерки во текот на реализацијата, размена на искуства и најдобри практики помеѓу двата региони.
Започнуваат градежните активности за реконструкција на општинската зграда во општина Кочани.