пехчево pehcevoопштина пехчево opstina pehcevo

Во пазувите на Малешевската котлина на површина од 206,88 км2 е сместена општина Пехчево, административниот центар на поширокиот регион на Малеш и Пијанец, а од 1952 година и седиште на Малешевската околија.
Територијата на Општина Пехчево изобилува со голема разновидност на животински, растителни ендемични видови, со одлични можности за лов и риболов. Меѓу пространите шумски комплекси се наоѓаат бројни острови на ливади, пасишта прошарани со сочни малини и други шумски бобинки: шумски јагоди, капини, малини, аронија, дренки. Густата борова и букова шума во пехчевскиот дел на Малешевските Планини со години ги криела седумте водопади кај изворите на Брегалница, најголемата река во Источна Македонија. Ваквото природно богатство ја прави Општината пожелна туристичка дестинација. Покрај можноста за развој на авантуристичкиот и руралниот туризам, општината има развиена дрвна индустрија и индустрија за производство на огноотпорни материјали. Во општината е сместена и локалната канцеларија на Програмата за зачувување на природата во Република Северна Македонија (
www.bregalnica-ncp.mk).

Во општина Пехчево е лоцирана компанијата Бомекс рефрактори (www.bomexholding.com).

Општина Пехчево во моментот има две индустриски зони:
1. Индустриска зона „Подуово“;
2. Индустриска зона „Грозил“;

На индустриската зона Подуово се продадени речиси сите парцели предвидени за таму (освен една), додека уредувањето на индустриската зона Грозил е во тек. Во општина Пехчево има неколку објекти од кои дел се општинска сопственост, дел – приватна сопственост, кои во иднина можат да се искористат како потенцијал за „brownfield“ инвестиции и тоа:

1. Објектот на поранешната фабрика за производство на плочки во Пехчево која во моментот се наоѓа во приватна сопственост и е со вкупна површина од 14.000м2;

2. Објектот на поранешната „Караула“ во Пехчево која се наоѓа на Ченгино Кале. Овој објект е во општинска сопственост – целината е сочинета од три објекти: едниот со површина од 37м2, другиот со површина од 158м2, а третиот со површина од 141м2 и земјиште со површина околу 30.517м2;

3. Објектот на поранешната конфекција „Комуна“ – Пехчево со површина од 2.000м2, кој е во приватна сопственост;

4. Домови на културата во сите села во општина Пехчево кои се наоѓаат во општинска сопственост со површина од околу 200-300м2 секој и кои можат да бидат потенцијални мали фабрики за развој на текстилната индустрија.

– Слободни локации